Тиаго Силва: Милан е мојот дом и нема да одам никаде

01/06/2012 11:51

Репрезентативецот на Бразил, Тиаго Силва, важи за еден од најдобрите дефанзивци во светот и за него се силно заинтересирани многу клубови од Европа, но „росонерите“ не сакаат ни да слушнат за негова продажба.

Неодамна првиот оперативец на Милан, Адриано Галијани, призна дека има вистинска опсада за бразилецот и дека неколку клубови веќе испратиле луди понуди за неговиот потпис, но нагласи дека Тиаго Силва не е на продажба.

Тиаго Силва во интервју за „Газета дело Спорт“ потврди дека нема намера да го напушти Милан и дека сигурно ќе остане на Сан Сиро.

„Милан е мојот дом. Среќен сум овде и сакам да останам и да победувам со Милан. Не ме привлекува идејата да играм во Англија или Шпанија. Задоволен сум што Адриано Галијани истакна дека сум клучен дел од тимот и дека ќе ги одбијат сите понуди за да ме задржат. Тоа е доказ колку Милан ме цени, и колку сум важен за тимот. Овие зборови ме мотивираат да играм уште подобро.“ – изјави Тиаго Силва.

После заминувањето на ветераните од Сан Сиро, бразилецот важи за еден од фаворитите за капитенската лента во Милан.